Тотенхем Хотспар беше домаќин на лансирањето на месецот на акција против хомофобијата во фудбалот

Лансирањето на осмиот по ред месец на акција насловен „Фудбалот против хомофобијата“ се случи на први февруари, а домаќин на настанот беше англискиот фудбалски клуб Тотенхем Хотспар.

Организиран во пресрет на роденденот на покојниот Џастин Фашану, првиот британски професионален фудбалер кој беше јавно деклариран геј маж, месецот на акција повикува фудбалот да преземе видливи чекори за справување со хомофобијата, бифобијата и трансфобијата во играта.

Тотенхем Хотспар е долгогодишен поддржувач на кампањата „Фудбалот против хомофобијата“ и на неговата ЛГБТ група поддржувачи, Прауд Лиливајтс, основана во 2014 година, која одржува редовен дијалог со клубот околу справувањето со дискриминацијата и промовирањето еднаквост.

Лу Енглфилд, директорката на кампањата, изјави: „Воодушевени сме што годинава лансирањето се одржува во стадионот Вајт Харт Лејн. Поддршката од Тотенхем Хотспар за кампањата минатиот февруари имаше глобален импакт. Покажа како поддршката од големите клубови може да допре не само до нивните заедници, туку и да испрати порака за инклузија ширум играта и светот“.

Лондон, Англија – 1 февруари 2017 година: Настан за лансирање на месецот на акција „Фудбалот против хомофобијата“ во стадионот Вајт Харт Лејн, дом на фудбалскиот клуб Тотенхем Хотспар (Фото: Tottenham Hotspur FC via Getty Images)

Дона-Марија Кален, извршна директорка на Тотенхем Хотспар, го отвори настанот, на кој проминентни личности од играта зедоа учество во панел дискусијата со спортската презентерка и новинарка Џеки Оутли. „Клубот е восхитен за соработката со „Фудбалот против хомофобијата“ и можноста да биде домаќин на лансирањето на месецот на акција. Тотенхем Хотспар е посветен на промовирањето инклузија и истакнувањето дека фудбалот е игра за сите“, изјави Дона-Марија Кален.

Меѓу присутните гости на стартот на интернационалната кампања, која традиционално се спроведува во февруари, беа Вилијам Буш, извршен директор на Премиер лигата, Кели Симонс, директорка за партиципација и развој во Фудбалската Асоцијација на Англија, Сајмон Паунд, шеф на програмата за еднаквост и диверзитет во Здружението на професионални фудбалери, и Крис Паорос од Прауд Лиливајтс.

На панел дискусијата стана збор за она што досега е направено во справувањето со хомофобијата, бифобијата и трансфобијата во фудбалот и што уште останува да се постигне за фудбалот да стане инклузивен за лезбијките, геј мажите, бисексуалните и трансродовите луѓе.